Дел од учениците кои се членови на Новинарскиот клуб во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ денес беа во посета на редакцијата на Gostivarpress.mk.
Основците имаа можност да се запознаат со работата и функционирањето на медиумот, како и со основите и принципите на новинарството.

Новинарскиот клуб е оформен во декември лани, во рамки на проект и до сега има реализирано повеќе активности, меѓу кои интервјуа со ученици и наставници од училиштето за постигнати резултати и успеси на натпревари.
„Учениците навистина покажуваат голем интерес за новинарството и посветено се вклучуваат во активностите. Проектот ќе трае до мај, но ние не застануваме тука и затоа сакаме да вклучиме што поголем број на ученици, за да можеме да продолжиме како клуб. Сакаме да бидеме во тек со трендовите, па затоа и Новинарскиот клуб го замислуваме како некој вид на дигитален информатор, направивме фејсбук и инстаграм страница за објавување на вестите.“, рече заменик директорката на училиштето и координатор на Новинарскиот клуб, Марија Антиќ.
Основците при посетата на Gostivarpress.mk изработија вежба-„интервју со тимот на медиумот“, во кое тие се ставија во улога на новинари и поставуваа прашања, а потоа се запознаа и со целосниот процес на изработка на една вест (од прибирање информации, изјава, фотографија, техничка обработка, поставување податоци итн, се‘ до објава). Исто така, младите новинари во студиото на медиумот ги согледаа и практиките на видео продукцијата со современа технологија.
Новинарскиот клуб на училиштето „М.К.Ататурк“ е поддржан преку проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, а активноста ја спроведуваат ИРЕКС, МИМ и МОФ.
„МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Фејзи и Ѓурчиновска | ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ





















