Тргнаа од проблемот со загадување на воздухот предизвикано од сообраќајот околу нивното училиште и стигнаа до награда од 2.000 евра. Тим ученици од гимназијата во Гостивар, под менторство на професорот Ѓоко Атанасовски, освоија прва награда на државен натпревар за иновации со својот проект Mултифункционален прочистувач напојуван од обновлива енергија.
„Мотивацијата која не‘ поттикна да почнеме со создавање на ваква иновација беше проблемот со сообраќајот со кој се соочува нашето училиште-загадувањето предизвикано од застарениот училишен транспорт. Со напорна тимска работа дојдовме до иновација која дава идеален ефект во решавање на проблемот. Тимот на ученици: Филип Билбилоски, Љиљјана Бибоска, Дарио Ѓорѓески, Ева Дејановска и Александар Билбилоски се покажаа во најдобро светло и ја освоија првата награда од 120 илјади денари, пари наменети за реализирање на нивната иновација.“, вели менторот Атанасовски.
Гимназијалците учествуваа во тродневната обука од UpShift програмата одржана во Струга, каде го презентираа своето иновативно решение за проблемот и беа прогласени за најдобри.
UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина. Третиот циклус на оваа програма беше посветен на пронаоѓање решенија за загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот.
UpShift го организира LEAD со поддршка на UNICEF и ФИТР.
Преземено од: GostivarPress














