Под наслов „Цут Арт“, вечерва во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар беше отворена изложба на уметнички дела, со хуманитарен карактер. Настанот го организираше тим на Црвениот Крст Гостивар во склоп на ПХВ Програмата (промоција на хумани вредности), во соработка со техничкото училиште.
Собраните средства од продажба на делата ќе бидат наменети во хуманитарни цели.
„Изложбата е од хуманитарен карактер, како и сите останати настани кои ги организираме. Средствата одат за подобрување на нашето општество или се доделуваат на социјално загрозени семејства. Дел од средствата од хуманитарните настани кои ги организираме, се наменети за реновирање на стадион каде младите ќе можат да го поминат своето слободно време, а дел одат за помош на социјално загрозени семејства.“, истакна Јована Дабеска од Црвен крст, организатор на настанот.
Во изложбата со свои дела, учествуваа учениците: Светлана Петреска, Софија Јованоска, Мина Страшеска, Ајчин Џафери, Едила Равмани, Деспина Василеска, Николина Алексоска, Тамара Србиноска, Атије Пини, Елеонора Манасијеска и Матеа Трпеска, под менторство на професорката Христина Марковска.
„Ликовната изложба насловена како Цут Арт претставува сликарски проект реализиран од страна на десетина млади автори чија уметничка визуелна интерпретација проникнува пред сѐ од хуманоста. Авторите во еден процес на наративно спонтано обединување создаваат дела обединети преку идејнотематската концепција со која се претставуваат, а тоа е пејсажот”, рече менторката.
Главната цел на ПХВ програмата е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.
Преземено од: GostivarPress
















