Како што налагаат црковните традиции и правила, на Велики Петок-денот на распнувањето на Исус Христос на крстот, во храмовите има литургии и се положува Светата Плаштеница, под која верниците поминуваат и на тој начин сочувствуваат со Исусовите страдања.
Во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар утрово беше отслужена литургија, се читаа светите Евангелија и беше изнесена Светата Плаштеница. Голем број верници, особено млади и деца со родители, на Велики Петок ја посетуваат црквата палат свеќи, оставаат црвени велигденски јајца и поминуваат под Плаштеницата. Во црквата исто така е поставено и Христовото Распетие, пред кое верниците се поклонуваат.
Плаштеницата го симболизира христовиот гроб (претставен како маса покриена со платно на кое е насликано христовото тело во гробот). Поминувањето под плаштеницата се прави со верување дека за се дојде до воскресение, најпрво мора да се помине низ Господовиот гроб, односно дека без распетие, страдање и погребение нема воскреснување. Обичајот за протнување под плаштеницата особено се почитува за малите дечиња.
Денес, во 17 часот во храмот свештениците од гостиварското архиерејско намесништво ќе отслужат вечерна богослужба, а во 18 часот ќе се изврши опело на Господ Исус Христос.
Преземено од: GostivarPress














