Во пресрет на утрешните двојни избори, од утрово во ОИК на Гостивар се врши примопредавање на избирачкиот материјал потребен за процесот на гласање. Избирачките одбори го подигнуваат и потоа се упатуваат до изборните места да ги направат последните подготовки за спроведување на изборните процедури.
Според упатството на Државната изборна комисија, избирачките одбори утре ќе имаат по седум члена во една смена, наместо пет како до сега.
„Ги известивме сите избирачки одбори дека треба меѓусебе да се координираат, со оглед дека станува збор за двојни избори, втор круг Претседателски и Парламентарни, да бидат по седум лица на избирачките места, за да тече гласањето добро и без гужви. Кога се повеќе членови, подобро може да се координира целата работа. Инаку, Гостивар е подготвен за непречено спроведување на изборите утре”, рече Ајше Османи, потпретседател на ОИК Гостивар и потсети дека утре гласачите при доаѓање на избирачкото место ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат и за Претседателски и за Парламентарни избори и потоа во текот на денот немаат право да се премислат и да се вратат на гласање.
Денес тече гласањето на болни и немоќни, кои правото на глас ќе го остварат во своите домови каде ќе бидат посетени од избирачките одбори.
Преземено од: GostivarPress













