Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари денес во изјава за медиумите рече дека се‘ уште нема донесено конечна одлука дали ќе седне на министерското место во здравство во новата Влада, како што се зборува изминатиот период во јавноста. Вели, тоа ќе биде познато на почетокот од следната седмица.
„Немам се‘ уште дефинитивна одлука, се надевам дека во понеделник ќе имаме дефинитивна одлука дали ќе продолжам како министер за здравство или ќе останам градоначалник на Гостивр“, рече Таравари појаснувајќи зошто до сега не донел конечна одлука.
„Дилемата е дали вреди да се оди во период од една година два пати на избори, значи 35.000 луѓе во Гостивар да излезат на гласање во ноември оваа година и во октомври идната година, мислам дека е нечесно. Ако остане актуелниот закон за локална самоуправа ќе продолжам како градоначалник, ако се смени законот во насока в.д градоначалникот да може да продолжи до крај на мандатот, во тој случај ќе продолжам како министер. Единствена работа е што не би сакал граѓаните да ги малтретираме за неполна година да излегуваат повторно на избори.“ , изјави тој.
Доколку се отворат опциите општина Гостивар да остане со в.д. градоначалник, Таравари смета дека за таа позиција добро решение би бил претседателот на Советот, Валбон Лимани.
Преземено од: GostivarPress













