Новиот министер за здравство Арбен Таравари, денеска во изјава за медиумите, рече дека е свесен за недостигот на кадар во јавните здравствени установи. Таравари се надева дека до крајот на годината ќе има огромен број на вработувања, особено во здравството.
Министерот беше во посета на Здравствен дом – Скопје, каде разговарал за состојбата со апаратура, со автомобили и амбулантски возила, како и за подобрување на условите за медицинскиот персонал.
На новинарско прашање дали има дефицит на кадар во здравството, министерот одговори потврдно наведувајќи дека за тоа мора да се најде решение.
„Јас мислам дека предлогот на бившиот министер Меџити, беше добар, за 1.200 договорци коишто работат низ здравствените установи, а немаат решенија, да им се даде пред сѐ и веднаш да се планира и во буџетот за идната година и нови вработувања, нормално тие би започнале со договор на дело оваа година. Овие 1.200 би добиле решенија. Така што, ова ќе го разгледаме, ќе разговараме и со министерот за финансии дали може тоа веднаш да се спроведе“, рече Таравари.
Тој кажа и дека се бара решение да се задржат и да се мотивираат специјализантите со нивно вработување.
„Исто така, идејата за специјализантите кои се со приватни специјализации, евентуално сите тие да се вратат со цел да се задржат во државата, да се мотивираат со тоа. Да се изнајде решение како – ако ги вработиме и да ги задржиме и да останат, а не само да се вработат и после година – две, да си побегнат. Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме огромен број на вработувања, посебно во секторот здравство,“ посочи Таравари.
Преземено од: GostivarPress













