За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.
По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, од 14 до 28 август, кога се слави Успение на Пресвета Богородица. Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.
Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата нe задолжува да се воздржуваме од тој плод. На празникот Преображение Господово, според црковниот типик на трпезата се дозволува риба.
Никако не треба да се заборава духовната страна на постењето. Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.
Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна исповед во земјава.
Преземено од: GostivarPress













