„Веќе се преземени мерки, денеска наутро земени се нови мостри на вода, резултатите ќе ги имаме за 24 часа. Се надевам дека до утре веќе ќе имаме резултати врз кои ќе може да им соопштиме на граѓаните дека водата ќе биде безбедна за користење.“, кажа денес в.д градоначалникот на Гостивар Ваљбон Лимани во одговор на новинарско прашање во врска со загадувањето на водата од градскиот водовод, во која се откриени бактерии.
Во однос на изворот на загадување, Лимани посочи дека најверојатно е последица на обилните врнежи од дожд изминатиот период.
„Немам конкретни информации, но мислам дека се случило после обилните врнежи кои ги имавме пред десетина дена. Мострите се земени пред една недела, во тој период и се случува да се појавуваат бактерии“, рече првиот човек на Гостивар.
Како што најави Лимани, денес во врска со проблемот ќе оствари средба со директорот на „Комуналец“.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека „Комуналец“ интервенира во врска со неисправната вода за пиење од 7 часот утрово.
Инаку, од вчера попладне кога беше објавено дека водата не е безбедна за пиење, граѓаните масовно почнаа да купуваат пакети и туби со вода. Денес низ маркетите речиси и да не може да се најде пакувана вода.
Преземено од: GostivarPress













