Членови на Здружението „Акцијаш“ од Гостивар учествуваа во работна акција во велешкото село Горно Врановци, познато по бројни историски моменти, активности и објекти од македонското минато. Акцијата се одржа изминатот викенд, односно од 15 до 17 ноември, а од Гостивар се вклучија шестмина акцијаши.
Како што информираа од здружението, во Горно Врановци се спровела акција за уредување на Меморијалниот комплекс на спомен куќи од НОВ. Во тридневните активности учествувале четириесетина акцијаши, освен од Гостивар и од Велес, Штип, Куманово и Битола.
Од Здружението „Акцијаш“ од Гостивар велат дека со задоволство биле дел од уредувањето на комплексот во историското велешко село, со оглед дека се работи за значајни објекти, а местото во минатото важело за центар на револуцијата.
Горно Врановци во 1944г. бил и седиште на извршната и законодавна власт на тогашна Федерална Демократска Македонија. Тука бил испечатен и првиот број на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“.
Гостиварското здружение на акцијаши во текот на оваа година спроведе повеќе акции за уредување на споменици и обележја од НОВ во Ново Село, Аџина Река, Никифорово, Леуново и др. Негови членови, исто така учествуваа и во работна акција во Нови Пазар, Србија.
Преземено од: GostivarPress













