Во Основниот суд Гостивар денес се одржа тркалезна маса за измените и дополнувањата на Законот за Судски совет на Република Македонија. Судиите од судовите од регионот имаа можност да ги искажат своите мислења и предлози на содржината на нацрт измените и дополнувањата подготвени од работна група од Министерството за правда.
Целта на настанот е поттикнување стручна расправа, а заклучоците и препораките ќе бидат основ за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет, истакнаа од Министерството.
„Ова е една важна тема, не само за судиите, туку и за сите граѓани. Станува збор за еден од реформските чекори коишто први ги презема Министерството за правда во рамки на оваа Влада, кој всушност треба да покаже на што бил последица релативно нискиот процент доверба во судството. Законот за судски совет го исчекуваат сите, закон што треба да создаде законски основи за креирање на орган кој ќе има целосна доверба пред сѐ кај судиите, зашто тие се предмет на избор и именувања, дисциплински одговорности и сл. Но, исто така и граѓаните да имаат доверба дека судскиот совет е тело кое се грижи за реализација на независноста и непристрасноста на судиите. Време е законските измени. Веќе имавме неколку расправи, експертска и стручни, да го слушнеме ставот на судиите за тоа што е подготвено.“, рече Радица Лазареска од Министерството за правда кое го организираше настанот.
Тркалезната маса во Гостивар се реализира во соработка и со поддршка од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Преземено од: GostivarPress













