Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев.
Воедно, Министерството денеска информира дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев.
- При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата. Од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Утрово, Руското Министерство за одбрана соопшти дека гаѓала цели на безбедносните служби и индустријата за оружје во нападите врз Киев денеска како „одговор“ на овонеделните украински напади со употреба на западни ракети врз хемиска фабрика во јужна Русија.
„Како одговор на акциите на режимот во Киев, поддржан од неговите западни управувачи, денеска беше извршен комбиниран напад со прецизно оружје со голем дострел“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Преземено од: GostivarPress













