Најмалите гостиварци ја продолжија традицијата на денешниот православен празник Бадник и со бадникова поворка го најавија Христовото раѓање. Движејќи се низ улиците на Гостивар ангелчињата со сјај во очите, носејќи златни божиќни ѕвезди ја пееја коледарската песна „Вечниот Бог“. Напред на поворката ја носеа симболичната Божикна пештера, местото кадешто Исус се родил.
На денот предвесник на големиот христијански празник Божик, дечињата внесоа радост и празничен трепет во душите на сите православни верници. Учесниците најпрво се собраа во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од кадешто тргна поворката, па продолжија низ централното градско подрачје, улиците „Илинденска“ и „Гоце Делчев“ и завршија во црквата „Св.Петка“, кај железничката станица. Таму, како што е редот на Бадник беа дарувани и добија пакетчиња.
Бадниковата поворка е начин на пренесување на радосната вест за раѓањето на Исус, и во Гостивар се одржува повеќе години наназад. Поворката ја организира црквата со благослов на митрополитот г.Јосиф и поддршка на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Прославувањето на Бадник во Гостивар традиционално продолжува со вечерна богослужба во 17 часот, осветување на бадниковите гранчиња и огномет во 19 часот.
Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.
Семејството традиционално се собира на заедничка посна трпеза и се крши лепче со паричка. Верувањето е дека тој што ќе ја најде паричката ќе го следи среќа и ксмет преку годината.
Преземено од: GostivarPress













