Последната недела пред најголемиот христијански празник Велигден е позната како Страдална или Страстна седмица. Овој период е посветен на споменот на последните денови од земниот живот на Спасителот Исус Христос, Неговите страдања, смртта и погребението. Името потекнува од црковно-словенскиот збор „страст“, што означува мака и страдање.
Оваа недела се нарекува и Велика седмица поради значењето на настаните кои се случиле во неа. Светата Црква преку посебни богослужби ги пренесува библиските содржини, зближувајќи ги пророштвата од Стариот и настаните од Новиот завет. Свети Јован Златоуст го објаснува значењето на овие денови:
„ВО ТАА СЕДМИЦА Е ПРЕСУДЕНА ДРЕВНАТА ТИРАНИЈА НА ЃАВОЛОТ, ПОБЕДЕНА Е СМРТТА, ВРЗАН Е СИЛНИОТ (ЃАВОЛОТ) И УНИШТЕНО НЕГОВОТО ОРУЖЈЕ, ИСКУПЕН Е ГРЕВОТ, СИМНАТА Е КЛЕТВАТА И РАЈОТ Е ОТВОРЕН. ТОГАШ НЕБОТО ПРЕСТАНАЛО ДА БИДЕ НЕДОСТАПНО. ЛУЃЕТО СЕЗБЛИЖИЛЕ СО АНГЕЛИТЕ. ОТТРГНАТА Е ПРЕГРАДАТА ШТО ГИ РАЗДЕЛУВАЛА ЛУЃЕТО ОД БОГА. ГРАНИЦИТЕ СЕ ИЗБРИШАНИ. БОГ НА МИРОТ ГИ ИЗМИРИЛ НЕБЕСНОТО И ЗЕМНОТО“.
Традицијата налага во овој период христијаните да ги зголемат молитвите и постот, практикувајќи дела на милосрдие и љубов. Низ историјата, во овие денови се прекинувале сите судски спорови и обвиненија, а во духот на простувањето се ослободувале и затвореници кои немале направено големи престапи.
Верниците во текот на Страдалната седмица поминуваат повеќе време во храмовите. Особено значајни се попладневните богослужби на Велики Четврток и Велики Петок, како и пречекот на Воскресението во сабота навечер. Во овој период свештениците носат црни одежди, а не се вршат панихиди и помени.












