На 19.07.2026 во 10:30 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода О.С.(47) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом упатувал закани на неговиот 76-годишен татко и оштетил дел од покуќнината. По лишувањето, на О.С. му е извршено алкотестирање при што е констатирани дека има 3,22 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 19.07.2026 во 22:00 часот, при извршување службени дејствија на градскиот плоштад во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово забележале и спречиле нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.С.(32) од с.Порој и Х.Е.(38) од с.Гоно Палчиште. По интервенцијата, Б.С. е пренесена во Клиничката болница во Тетово, каде ѝ биле констатирани телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.07.2026 во 20:13 часот, по добиена пријава за пукање од оружје или пиротехника во населба Дреновец во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово излегле на местото и констатирале дека во куќата каде се одржува семејна веселба организирана од М.А.(49), еден од гостите, У.Р.(22) од Тетово и покрај предупредувањата, употребил огномет и петарди. Со лицето е извршен информативен разговор и изготвен е записник за констатиран прекршок против јавниот ред и мир.
На 20.07.2026 во 03:15 часот во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат Јажинце-Тетово, во с.Порој, тетовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Р.Р.(55) од с.Слатино и патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Е.Н.(39) од с.Порој. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.
На 19.07.2026 во 12:35 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на ул.„Живко Брајкоски“ во Гостивар се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота“ со гостиварки регистарски ознаки, управувано од С.И.(49) од Гостивар и мотоцикл „кавасаки“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од С.Џ.(26) од Гостивар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во болницата во Гостивар. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Гостивар.
На 19.07.2026 во 15:40 часот на ул.„Никола Парапунов“ во Гостивар, полициски службеници лишиле од слобода 16-годишник од Гостивар поради основано сомнение за сторено кривично дело „одземање моторно возило“. Претходно, во 12:10 часот, А.С.(26) пријавила дека во текот на ноќта од кеј „Вардар“ било одземено патничко возило „фолксваген голф“ со гостиварски регистарски ознаки, сопственост на нејзиниот сопруг З.С.(31). Возилото со видливи оштетувања и со клуч во бравата било пронајдено околу 15:10 часот од роднина на сопственикот на паркинг во населбата Малеарди, по што со потврда му е вратено на сопственикот. По комплетирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 19.07.2026 во 19:10 часот во Полициското одделение Маврово, С.О.(46) од Гостивар пријавил дека околу 16:30 часот на планината Лера, додека го напасувал својот добиток, по претходна расправија, Џ.О. од с.Дуф физички го нападнал и му се заканил со огнено оружје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и за расчистување на случајот.
На 19.07.2026 во 23:40 часот во ОВР Гостивар, Б.М.(48) од Гостивар, новинар и сопственик на локална телевизија од Гостивар, пријавил дека околу 19:30 часот на ул.„Илинденска“ во Гостивар, додека извршувал службена дејност, А.Л. од Гостивар му се заканувал и се обидел и да му ја одземе камерата. Според приавеното, најверојатно мотив за нападот е претходно објавена фото-вест од новинарот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.07.2026 во 23:20 часот на ул.„Браќа Ѓиноски“ во Гостивар, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар запреле патничко возило „цитроен“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од С.М.(53) од Гостивар. Притоа, С.М. агресивно се однесувал кон нив и им се заканувал, по што е приведен во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.













