Денеска е Прочка или Велики поклади. Овој ден за православните христијани е за меѓусебно простување пред почетокот на Велигденскиот пост. Според верувањата, Прочка е ден на искрена и пожртвувана љубов кон ближните и следење на примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Низ минатото овој ден имал големо значење, се користел како последна шанса за проштевање и помирување на луѓето. Се чекал токму овој ден со Божја сила да се побара прочка, опростат и најголемите гревови.
Затоа денеска заборавете на сите недоразбирања и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле.
Празникот Прочка важи за подвижен празник, а датумот секоја година зависи од празнувањето на Велгиден. Она што не се менува е денот и Прочка е секогаш во ден недела, односно седум недели пред Велигден.
Традицијата на барање проштевање, пред почетокот на Велигденските пости во православниот свет има свои корени во древните палестински и египетски манастири. За време на Великиот пост, монасите ги напуштале своите братства и постот го минувале длабоко во пустината. Пред излегувањето од манастирот, сите монаси се собирале и барале прошка еден од друг, а дури потоа тргнувале во пустина.
Првиот ден по Прочка е чист понеделник и тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Великиот пост, како што го вика народот е најстрог и најдолг и трае вкупно 48 дена.
„МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Фејзи и Ѓурчиновска | ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ
Преземено од: Линк













