Попладнево Тетово и околината ги зафати големо невреме проследено со силен дожд и град во големина на лешник. Поројниот дожд траеше околу 45 минути и според првичните информации делови од градот се поплавени, а граѓаните апелираат за помош.
„Командирот на ТППЕ Тетово бара да биде исклучена струјата во цело Тетово, бидејќи според него, ризикот од струен удар по граѓаните и пожарникарите е многу висок поради тоа што се поплавени подрумските простории на повеќе куќи и објекти. На 112 стигнаа неколку пријави од граѓани за поплавени подруми. Во моментов се воспоставува контакт со ЕВН“, соопштуваат од ЦУК.
Големото количество поројни води предизвика поплавување на дворови и подруми на повеќе од пеесетина куќи и објекти во пониските делови на градот.
Екипите на ТППЕ Тетово и јавно комуналните преторијатија се на терен и вршат пунктирање на водата од објектите.
Силниот ветер и градот направија штети на земјоделските култури и овошните насади, но и штети во урбаните средини (оштетени кровови, канделабри, пластифицирани настрешници, возила и др.).
Штетите ќе се проценуваат дополнително. Од ЕВН информираат дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба.
Преземено од: GostivarPress













