Сѐ уште е неизвесно дали во новата учебна година ќе профункционира целодневна настава во гостиварските основни училишта „Гоце Делчев“ и „Единство“. Простории се обезбедени и уредени, но се чека на одобрение од Министерството за образование за соодветно ангажирање на учителки. Од општинскиот Сектор за образование се надеваат на добивање позитивен одговор, од што зависи дали ќе има таков тип на згрижување и работа со децата.
„Услови во училиштата има, ние уште од претходната учебна година средивме простории кадешто може да се организира целодневна настава. Но, сѐ уште немаме одговор од МОН на барањето за трансфер на наставници од едно во друго училиште или во рамки на училиштата, но со намена за целодневна. Се надеваме дека до крај на наредната недела ќе добиеме позитивен одговор, па да може да се почне со работа“, рече раководителкта на Секторот, Аслијан Снопче.
Голем дел од родителите низ изминатите години ја истакнуваа потребата од воведување на дневен престој, особено за помалите дечиња. Група родители на ученици од ОУ „Гоце Делчев“ и пред почетокот на учебната 2024/2025 година реагираат со апел да се најде конечно решение.
„Ние како родители повторно и оваа учебна година најверојатно ќе останеме без решение на проблемот за целодневна настава во училиштето „Гоце Делчев“, бидејќи и покрај нашите барања и реални потреби сѐ уште немаме никаков одговор од надлежните. Да биде апсурдот поголем, училницата скоро една година е направена, а се чека за наставен кадар. Останува уште малку време, апелираме до надлежните да изнајдат што е можно побрзо решение.“, се вели во нивната реакција.
На почетокот на својот мандат новата министерка за образование Весна Јаневска како еден од приоритетите го нагласи организирањето на целодневна настава во основните училишта.
Преземено од: GostivarPress













