Независниот синдикат за образование и наука најави протест на првиот ден од новата учебна година. Членовите на овој синдикат ќе протестираат во понеделник (2 септември) во Битола. Како што наведуваат од НСОН протестот е резултат на: недостаток на социјален дијалог со Министертвото за образование и наука, неусогласување на платите во секторот образование согласно растот на минималната плата и непочитување на колективните договори.
Од друга страна, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура СОНК денес излезе со став дека нема да излегува на протести кои ги нарече „партиски“.
„СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието. Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел. Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот.“, се вели во нивното соопштение.
Преземено од: GostivarPress













