Во спортската сала “Младост” во Гостивар на 6 октомври 2024 година, ќе се одржи хуманитарен турнир во мал фудбал. Целта на настанот е собирање средства за помош на Ивица Срезоски, сограѓанин кој боледува од спиноцеребрална атаксија и потребни му се 20.000 евра за посебен медицински третман со роботика во соседна Србија.
Турнирот ќе започне во 12 часот напладне, а организаторите очекуваат учество на осум екипи. Котизацијата за учество на екипа изнесува 3.500 денари, а пријавувањето е во тек. Заинтересираните може да се пријават на телефонскиот број 078-925-895.
“Ова е можност нашата заедница да се обедини и да помогне на Ивица кому се потребни средства за лекување. Ги повикуваме сите љубители на малиот фудбал и хуманите граѓани да се придружат на овој хуманитарен турнир. Овој настан е уште еден пример за силниот дух на солидарност во Гостивар. “, велат организаторите.
За посетителите е предвидена симболична влезница од 50 денари, но се поттикнуваат и дополнителни доброволни донации.
Организаторите се надеваат дека ќе успеат да соберат значителна сума финансиски средства за да му помогнат на Ивица Срезоски во неговата борба.
Преземено од: GostivarPress













