Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) наскоро ќе започне со спроведување на новиот проект под наслов „Стоп за лоши навики“, чија главна цел е подигнување на јавната свест за значењето на здравиот животен стил и бенефитите што произлегуваат од него.
„Проектот се темели на фактот дека одржувањето на здравиот животен стил не е само индивидуален избор, туку и општествена одговорност. Со оглед на тоа што кардиоваскуларните заболувања во моментов се и ќе останат водечки причинители на морбидитет и морталитет во светот, потребата од акција е повеќе од очигледна. ЗЛС ќе изработи и објави прв водич за здрави животни навики во нашата земја. Овој водич ќе биде резултат на соработка помеѓу искусни лекари, специјализанти и специјалисти од различни медицински области, во тесна соработка со нутриционисти и фитнес тренери. Водичот ќе биде практичен и лесен за користење, со цел да им обезбеди на граѓаните информации и препораки за одржување на здрав начин на живот, како и насоки за справување со најчестите ризик-фактори кои водат до хронични заболувања.“, информираа од ЗЛС.
Во рамките на проектот, ќе се организираат и серија настани, вклучувајќи и панел дискусија под наслов „Стоп за лоши навики! Време е за промена – одлучи денес”.
„Стоп за лоши навики“ претставува повик до сите граѓани на Македонија да преземат активна улога во подобрувањето на своето здравје и благосостојба, нагласуваат од Здружението.
Преземено од: GostivarPress













