Најмладите гостиварци се вклучија во чествувањето на Денот на ослободувањето на Гостивар преку културно-уметничка манифестација, која се одржа денес во холот на основното училиште „Гоце Делчев“.
Во настанот учествуваа дечињата од гостиварските градинки и од основните училишта. На свој искрен и весел начин, со песни, игра и рецитации ја покажаа детската радост и љубов кон родниот град, Гостивар.
Публиката во која беа родители, баби и дедовци, другарчиња, наставници и други гости заслужено ги наградија со силен аплауз.
На почетокот на приредбата, професорот по историја Горан Павлоски потсети на историските настани врзани со ослободувањето на градот и хероите кои бестрашно се бореле за слобода.
„Денес, на 80 годишнината од ослободувањето на Гостивар да се потсетиме на подвизите на нашите сограѓани: прославениот командант на 48-та дивизија, Чеде Филопоски-Даме, командантот на првата македонска НО бригада, Тихомир Шарески, на нивните соборци: Панче Попоски, Злате Малакоски, Борис Канчески, Пере Јованоски, Миле Филипоски и многу други борци. Нивните имиња и дела да останат запишани во историјата и сеќавањата на генерациите што доаѓаат.“, кажа меѓу другото Павлоски.
Прославата на Денот на ослободувањето на Гостивар продолжува вечерва со изложба (18.30 ч.) и Свечена академија (19ч.) во Центарот за култура АСНОМ.
Преземено од: GostivarPress






















