Реновирани оддели, нов паркинг простор, посебен пристап и влез за амбулантни возила, медицинска апаратура. Ова се дел од инвестициите во општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар кои денес ги промовираше министерот за здравство, Арбен Таравари.
Како што кажа министерот, вкупната вредност на проектите има финансиска рамка од околу 25 милиони денари.
„Многу сум среќен што во градот во кој сум се родил и сум поминал поголем дел од мојот живот, гледам многу инвестиции. Дел од нив, околу 10 милиони денари се од сопствени средства на болницата, а 15 милиони денари се од Министерството и тоа во апаратура. Видовме нов двор, нови паркинг места, објектот на администрација, нов пат само за возилата на Итна помош до Ургентен центар, нови амбуланти за кожно одделение, урологија, во физикална терапија се инвестира, полуинтензивно одделение на неврологија кое беше неопходно одамна, и во анестезија има нова апаратура, и други инвестиции. Веќе Гостивар станува лидер за тоа како треба да се управува една здравствена установа. Посебно ми е драго што и од пациентите слушам дека се задоволни од услугите што ги добиваат, во однос на тоа што беше од пред пет месеци.“, изјави Таравари.
Директорот на болницата, Арѓент Муча за следниот период најави дека се планирани да се реализираат и други зафати во болницата.
„За кратко време ќе започнеме со реновирање на одделението за интерни болести, офталмологија, како и Ургентен центар. Од Министерството добивме ветување дека за неколку месеци ќе се набави нов мамограф за да се формира тука Центар за дојка. Ќе побараме и нова компјутерска томографија, ние имаме една, но е веќе стара 14 години. Верувам дека министерот ќе ни излезе во пресрет на нашите барања“, рече Муча.
Меѓу новите апарати кои се набавени се: апарат за анестезија, за ЕХО и ЕКГ, пациент монитори, болнички пулсоксиметри, дерматоскоп и други.
Преземено од: GostivarPress















