Основците од гостиварското училиште „Гоце Делчев“ со своите ментори подготвија програма за одбележување на празникот во чест на македонскиот духовник, учител и книжевник, свети Климент Охридски.
„Наша обврска е свесно и будно да го чуваме она што е свето за една држава, она што е културен и историски идентитет. Неговото дело и мисија се должни за почит и поклон“, беше пораката која во оваа прилика ја испратија учениците.
Во склоп на програмата учениците се претставија со литературни творби, презентација и проект посветени на ликот и делото на свети Климент, како и музичко-сценски изведби.
На одбележувањето беа доделени и пофалници и скромни награди на ученици чии лични творби беа избрани како најдобри на конкурсот на тема: „Свети Климент, мост на минатото и сегашноста“.
Наградени беа: Дора Софреска, Јана Нофитоска и Стефани Петроска од ОУ „Гоце Делчев“ како и Теодора Илијеска од ОУ „Единство“.
Преземено од: GostivarPress















