Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката и до надлежниот суд поднесе обвиненија против вкупно четири лица кои во различни настани во изминатите денови извршиле дејствија кои содржат елементи на кривичното дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик. За четворицата на кои во текот на претходната постапка им беше определен притвор, јавните обвинители побараа од Основниот кривичен суд Скопје да им ја продолжи притворската мерка.
-Тројца од обвинетите на 28 ноември, по повод прославите на Денот на албанското знаме, со палење, уништување и кинење на државното знаме на Република Северна Македонија предизвикале чувства на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност и го изложиле на подбив националниот симбол. Четвртиот обвинет, неколку дена подоцна, на 2 декември, со палење го оштетил знамето на друга држава – Република Албанија, со што исто така предизвикал омраза и нетрпеливост. Дејствијата на сите обвинети предизвикале говор на омраза што на критичните денови се манифестирал особено на социјалните мрежи со тенденција да прерасне во нови инциденти на насилство.
©ММС.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање
Преземено од: Линк













