Во последниот натпревар на клупски план во Македонија за оваа календарска година, КК Гостивар вчера со убедливи 86-62 го совлада КК Вардар на домашен терен. Со овој триумф, Гостивар ја заокружи есенската полусезона како осмопласиран тим во Првата кошаркарска лига на Македонија.
И покрај предизвиците, со 5 победи и 7 порази клубот успеа да обезбеди место во Купот на Македонија, каде што во четвртфиналето ќе се соочи со ТФТ Скопје – првопласираниот тим, кој моментално ја дели врвната позиција со МЗТ Скопје и Пелистер.
Од играчкиот кадар – Максим Митевски го издвоивме како играч кој ја одбележа полусезоната на гостиварци, најдобар стрелец е во тимот со 16.7 поени просек по натпревар, Митевски е на прво место во лигата и како кошаркар со најмногу извршени фаули во просек по 4 на секој натпревар, води на листата и како најефикасен стрелец од линијата за слободни фрлања со 83.33% успешност, игра 36:39 минути по натпревар, капитенски!
Сезоната продолжува на 11 јануари со натпреварите од 13-тото коло, а кошаркарите на КК Гостивар ќе се стремат да го задржат континуитетот и да обезбедат што подобар пласман во втората половина од сезоната.
Куп натпреварувањето „Благоја Георгиевски – Буштур 2025“ е закажано за втора половина на Февруари.
Преземено од: GostivarPress













