Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар утрово беше исполнета со дечиња, кои дојдоа на првата проба за Бадниковата поворка 2025. Најмалите гостиварци со радост и возбуда во голем број се вклучуваат во поворката секоја година, а според интересот, така се очекува да биде и овојпат.
Свештениците од гостиварското архијерејско намесништво им го поделија текстот на песната „Вечниот Бог“ која ќе ја пеат, и ги информираа, заедно со нивните родители, околку организацијата и текот на Бадниковата поворка.
„Како и до сега најголема чест ќе ни биде што овие анѓелчиња ќе го наговестуваат Христовото Рождество. Тоа ни е целта, како христијани да му запееме и да му заблагодариме на Господа. Бог нека ве благослови и нека има што повеќе дечиња. “, рекоа свештениците кои во оваа прилика им поделија на дечињата крстови како подарок од Митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф.
Тргнувањето на Бадниковата поворка во понеделник (6 јануари) е во 9.30 часот од пред црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Децата се собираат пред тоа, кога ќе им бидат поделени и ѕвездите.
Поворката традиционално ќе се движи по ул. „Илинденска“ , па бул. „Гоце Делчев“ сѐ до црквата „Света Петка“, каде на анѓелчињата ќе им бидат подарени новогодишни пакетчиња.
Преземено од: GostivarPress













