Работата на брод за крстарење со години важи за една од најатрактивните можности за добра заработка и патување низ светот. Сепак, зад фотографиите од егзотични дестинации и луксузниот амбиент се крие сосема поинаква реалност. За своето искуство говореше 25-годишната Ивана Милиќевиќ од Ниш во интервју за српскиот портал „Мондо“.


„Ми здодеа да работам во Србија надвор од мојата професија за мала плата, па решив да заминам на брод. Слушав различни искуства, но мислев дека вреди да се обидам“, раскажува Ивана.
Таа работела во велнес-центар како масерка и физиотерапевт, но, како што вели, многу брзо сфатила дека работните обврски не се ограничуваат само на нејзината професија.
„Покрај работата како масерка, моравме да носиме крпи, да пегламе и да чистиме. Имаше колешки кои добија отказ затоа што го напуштиле работното место само неколку минути за да одат во тоалет. На големите бродови понекогаш ви требаат и десет минути само да стигнете до местото каде што јадете, па паузите практично исчезнуваат“, вели таа.
И покрај тешките услови, Ивана признава дека заработката е главната причина поради која многумина остануваат.
„Платата е навистина добра. Со тие пари за една или две години можете да заштедите доволно за да купите стан“, истакнува таа.
Освен долгите работни часови, голем предизвик е и животот на самиот брод.
„Спиев во мала кабина без прозорец, со кревети на спрат и минијатурна бања. За време на големи бури често ми се слошуваше. Практично сте затворени со стотици луѓе и немате каде да избегате по завршувањето на смената“, објаснува Ивана.
Таа вели дека меѓу вработените владее специфична атмосфера, бидејќи сите живеат и работат на исто место.
„Многумина по работата бараат забава, па често се создава впечаток дека сите се со сите. Луѓето работат напорно, а кога ќе завршат со смената, следуваат забави и многу необврзни врски. Понекогаш ми изгледаше како да сум во реално шоу“, раскажува таа.


Според неа, не се ретки ниту паралелните врски меѓу вработени кои дома имаат семејства, додека од друга страна има и љубовни приказни што завршуваат со брак.
„Претпоставувам дека на луѓето им е тешко да бидат далеку од дома и семејството, па така полесно го поднесуваат животот на брод. Од друга страна, има и парови кои таму се запознаваат, остануваат заедно и подоцна создаваат семејство“, вели Ивана.
Нејзината приказна покажува дека работата на брод носи можност за висока заработка и патување низ светот, но и бројни предизвици, напорен работен ритам и специфичен начин на живот, за кој многумина не се подготвени пред да заминат.













