Црковниот одбор при православниот храм посветен на Света Богородица во Сетоле во понеделник, 21 септември 2026 година, организира црковно-народен собир по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица.
Од Црковниот одбор ги покануваат сите верници да присуствуваат на празнувањето.
„Почитувани верници, Ве покануваме на ден 21.09.2026 година – понеделник, на чествување на празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Во 12 часот ќе се отслужи празнична богослужба и ќе се изврши режење на славскиот колач од страна на протојереј Предраг Исаевски. По завршувањето на литургијата, во црковната трпезарија ќе биде организиран празничен ручек за сите присутни верници“, информираат од Црковниот одбор при храмот „Света Богородица“ во Сетоле.
Рождеството на Пресвета Богородица – Мала Богородица, е еден од дванаесетте големи празници во православната црква.
По повод празникот, голем број православни верници ги посетуваат храмовите за молитва и благословување на славските лебови, виното и пченицата, како и за кревање панагија по повод именден или за здравје.
Во тетовскиот регион има повеќе православни храмови посветени на Света Богородица, меѓу кои се црквите во Беловиште, Сараќино, Сетоле и Тетово, од кои дел одбележуваат и црковна слава.
Според православното предание, Пресвета Богородица била родена во Назарет од праведните и благочестиви родители Јоаким и Ана, кои долго време немале деца. Нејзиното раѓање било одговор на нивните молитви.
Празникот се одбележува на 8 септември според јулијанскиот календар, односно на 21 септември според грегоријанскиот календар.













