Кристијано Роналдо и Лионел Меси со години се борат за статусот најдобар фудбалер на својата генерација, а нивното соперништво доби уште една интересна димензија. Овој пат не станува збор за голови, трофеи или индивидуални признанија, туку за пари.
Според најновата проценка на списанието „Форбс“, Португалецот е убедливо најплатениот фудбалер во светот, со приход што далеку ги надминува заработките на аргентинскиот ас.
Роналдо е на врвот на листата за 2026 година со проценети 300 милиони долари годишна заработка. Меси ја зазема втората позиција со 145 милиони, што значи дека ѕвездата на Ал Наср заработува дури 155 милиони долари повеќе од капитенот на Интер Мајами.
Разликата е особено импресивна кога ќе се земе предвид дека двајцата со години се меѓу најголемите спортски ѕвезди на планетата. Нивното влијание одамна ги надмина фудбалските терени, но начинот на кој ги добиваат парите е сосема различен.
Португалскиот напаѓач има најголема финансиска корист од својот договор со Ал Наср. „Форбс“ проценува дека саудискиот клуб ќе му плати околу 250 милиони долари во текот на сезоната 2026/27, додека дополнителни 50 милиони ќе дојдат од спонзорски договори и деловни активности.
Неговиот бренд „CR7“, опфаќа различни производи и деловни проекти, вклучувајќи облека, парфеми и хотели. Роналдо, исто така, инвестираше во компании надвор од спортот, со што ги прошири изворите на приход што ќе му бидат достапни дури и по завршувањето на неговата играчка кариера.
Ситуацијата со аргентинскиот волшебник е малку поинаква. Од вкупно проценетите 145 милиони долари годишни приходи, околу 70 милиони долари доаѓаат платата што ја добива во Мајами, додека преостанатите 75 милиони долари се генерирани преку спонзорства и други деловни активности.
Меси соработува со голем број меѓународни брендови, вклучувајќи ги „Адидас“ и „Мастеркард“, а во 2026 година го прошири своето портфолио на комерцијални партнерства. Неговиот договор со Интер Мајами трае до 2028 година, а се предвидува и можност за стекнување сопственички удел во клубот по завршувањето на неговата кариера.
Аргентинецот започна да ја развива својата сопствена фудбалска бизнис приказна преку инвестиции во клубови. По купувањето на Корнелија, тој се приклучи на сопственичката структура на шпанскиот Елденсе, што дополнително го покажа својот интерес за развој на фудбалот надвор од професионалната област.
Третото место на листата на „Форбс“ му припаѓа на Килијан Мбапе, кој треба да заработи околу 100 милиони долари. Напаѓачот на Реал Мадрид со тоа останува најблискиот предизвикувач на двајцата ветерани кога станува збор за финансиска моќ.
Зад него се Ерлинг Холанд со 85 милиони долари и Винисиус Жуниор со 76 милиони. Посебно внимание привлекува и Ламин Јамал, кој е на шестото место со проценети 55 милиони долари, потврдувајќи дека младите ѕвезди стануваат сериозни играчи на комерцијалниот пазар.
Садио Мане со 54 милиони долари, Џуд Белингам со 45 милиони долари, Хари Кејн со 42 милиони долари и Мохамед Салах со 40 милиони долари се исто така во првите десет.
Преземено од: TopSport












