Викендов што измина, во Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево се одржа хуманитарен концерт во негова чест, со повеќе млади изведувачи, меѓу кои и гостиварката Тамара Груjеска.
Концертот „Детска насмевка за овој свет“ е еден вид потсетување на несебична љубов и добрина на големата македонска музичка ѕвезда како и оддавање почит кон неговите песни.
„Навистина за мене како млада пејачка е голема чест и задоволство да се пее за Тоше Проески и да се продолжи неговото дело, бидејќи ако ги негуваме неговите песни тие вечно ќе се паметат и ќе се продолжи неговото дело. Тој е нашата македонска музичка икона воедно и мој македонски идол која заслужува бесконечна почит. Песните од Тоше се преубави и тешки за изведба, но мене ми претставува задоволство да ги пеам неговите песни кои будат многу емоции кај публиката, одличните текстови и прекрасните мелодии преточени со волшебниот глас на Тоше се репер за мене и јас на убав начин да ги изведувам на настапите. Во иднина планирам да испеам и повеќе кавери од него, но и да настапувам на интернационални фестивали со негови песни. Исто така во иднина сакам да посветам една, а можеби и повеќе песни за Тоше.“, изјави за Gostivarpress.mk младата гостиварка.
Хуманитарниот концерт традиционално го организира „Play Without Boundaries” (Игра Без Граници) во соработка со Спомен куќа „Тодор Проески”. Годинава, освен Тамара Груjеска настапија Огнен Здравковски, Марија Цветановска, Славица Ангелова и други, а специјален гостин беше Никола Мицевски.
Преземено од: GostivarPress














