Седумдесетина основци од училиштата на територијата на Општина Гостивар учествуваат на Летен камп, преку кој се запознаваат со специфичностите на различни земји, нивната култура и традиција. Кампот го реализираат Мировниот корпус и гостиварската локална самоуправа, а денешниот ден беше посветен на Соединетите американски држави, кои го празнуваат 4 јули како Ден на независноста.
Активностите кои се одржуваа во средното техничко училиште, утрово ги проследи делегација од општината.
„Летниот камп во кој учествуваат ученици од четврто, петто и шесто одделение од училиштата во градот и селата е убава можност децата меѓусебе да се дружат и да научат нешто повеќе за различни држави, за нивните традиции и култура. Се надеваме дека вакви слични активности ќе имаме и во иднина“, изјави в.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.
Волонтерите од Мировниот корпус го споделија своето задоволство од текот на кампот и заинтересирност на учениците за сите активности кои се спроведуваат.
„Децата се навистина многу заинтересирани, сакаат да научат и со голема возбуда и љубопитност следат се она што им го презентираме за земјите. Мора да ги пофалиме дека многу добро го владеат англискиот јазик, па комуникацијата е лесна. Додека тие учат од нас, истовремено и ние учиме од нив за Гостивар, така што ова е извонредно искуство.“, рекоа волонтерите Ворнер и Рут.
Лимани при посетата додели благодарници на предавачите и координаторите на Летниот камп.
Преземено од: GostivarPress














