На големиот христијански празник Преображение, во понеделник (19 август), во манастирот „Свето Преображение Христово“ во Гостивар за прв пат ќе биде отслужена света Архијерејска литургија, со што ќе се одбележат 10 години од осветувањето на камен-темелникот на манастирскиот комплекс.
На 19 октомври 2014 година, со голем црквено-народен собир во гостиварската населба Циглана, во Гостивар беше осветен камен-темелникот на новата манастирската црква „Преображение Христово“.
Литургијата ќе започне во 8 часот и 30 минути. Во 10 часот ќе бидат пресечени кумските колачи и ќе се изврши чинот на благословување на лозовиот плод-грозјето, традиционално за овој празник.
Од гостиваркото архијерејско намесништво ги известуваат верниците дека тој ден ќе биде едноцрквие, односно литургија ќе има само во манастирот „Свето Преображение“ во Циглана.
Музичкиот дел од народната веселба во понеделник по завршувањето на литургијата ќе го исполни Фаворити бенд.
Во пресрет на празникот, вечерта на 18 август, во дворот на манастирот се организира концерт на кој ќе настапи бардот на македонската народна музика Ефто Пупиноски, како и младите солистки Јована Богданоска и Андријана Петрушовска. Настанот почнува во 20 часот.
Преземено од: GostivarPress













