Нема доволно лекари-специјалисти низ повеќе оддели во општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар. Одредени одделенија функционираат со само еден специјалист, што ни оддалеку не ги покрива потребите. Така, болницата има само еден инфектолог, патолог, физијатар, специјлист по судска медицина и тие области, според надлежните, се најитни за пополнување.
„Најголем проблем се специјалистите, како што е судска медицина каде за жал имаме само еден специјалист, исто така и на инфективно, само еден инфектолог, но таму за 2-3 години уште двајца лекари ќе специјализираат, па тоа ќе се покрие. Физијатар исто така имаме само еден. Тие се главните проблеми. Недостигаат и на други оддели, на гинекологија на пример имаме 4 специјалисти, но со оглед на обемот на работа треба уште минимум 3-4. Истото одделение, со овој обем на работа пред три години имало осум гинеколози.“, посочува директорот на болницата Арѓент Муча.
За надминување на проблемот, раководството полага надеж во најавите на министерот за здравство, Арбен Таравари за вработување на приватни специјализанти кои се во завршни години.
„Како што најави министерот за здравство, ќе се реализира постапка за вработување на медицински кадар, доктори на специјализација. Ќе им се понуди да се вработат таму каде има дефицит, а секако ќе се земе предвид местото на живеалиште. Сметаме дека така во голема мера ќе се реши проблемот. Затоа што допрва да се праќаат доктори на специјализација, треба да се чека 4 до 6 годни зависно специјалноста, додека се вратат, па да започнат со работа.“, вели Муча.
Во однос на кадровската екипираност со средномедицинскиот персонал, директорот оцени дека генерално е добра, со тоа што најверојатно ќе се прават одредени трансфери на медцински сестри од оддели каде ги има вишок, во одделеи кои се соочуваат со недостаток.
Преземено од: GostivarPress













