Дечињата се најранливата група учесници во сообраќајот, поради што од мали нозе треба да ги научат правилата и прописите, да се потсетуваат редовно колку е важно да бидат внимателни и да им се укажат ризиците кои постојат.
Со таква цел денес во Гостивар се одржа превентивно-едукативна активност со првоодделенците од гостиварските основни училишта. Првачињата со своите учителки учествуваа во марш низ градското подрачје, почнувајќи од пред Центарот за култура, преку бул. „Гоце Делчев“, па низ улицата „Илинденска“ , сѐ до градскиот плоштад. Таму, им беа поделени летоци со совети и правила за безбедност во сообраќајот, со илустрации прилагодени на нивната возраст.
Настанот го организираше општина Гостивар во соработка со Одделот за превенција на МВР и училиштата.
„Имајќи ја предвид безбедноста на нашите деца во патниот сообраќај како родителски и институционален приоритет, решив лично да излезам на улица заедно со учениците од прво одделение и претставниците на Одделот за превенција, да ги запрам возачите и да ги потсетам за безбедноста на најмалите учесници во сообраќајот. Со денешните активности на првоодделенците пак им беа укажани сите чекори кои треба да ги следат за да бидат безбедни во сообраќајот, воедно општината на сите првачиња им подари флуоресцентни елеци кои ќе ги користат за да бидат безбедни.“, рече в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани.
Настанот заврши со дружење и забава со маскоти.
Основни совети за најмладите учесници во сообраќајот се: да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да го поминуваат коловозот на обележан пешачки премин, пред да го преминат коловозот, да застанат и да погледнат лево и десно за да се сигурни дека нема возила, да бидат внимателни кога се движат во услови на намалена видливост т.е. дожд и магла (по можност да носат облека во светли бои или рефлектирачко елече), да не користат мобилен телефон или слушалки при преминување на коловозот и сл.
Од општината најавија дека во основните училишта во наредниот период ќе се одржуваат едукативни работилници за безбедност во сообраќајот наменети за учениците.
Преземено од: GostivarPress


















