Градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, вчера ја започна кампањата „Проектираме заедно“, во рамки на која граѓаните ќе имаат можност да предложат проекти за нивните населби, информираа од локалната самоуправа.
„Кампањата започна во селата Здуње и Дебреше, каде жителите масовно ја поддржаа и дадоа идеи за идните проекти на Општина Гостивар. Целта на кампањата „Проектираме заедно“, иницирана од градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, е да ги вклучи граѓаните во процесот на планирање и донесување одлуки за локалните проекти.“, соопшти општината.
Од таму најавуваат дека кампањата ќе продолжи и во наредните денови во други населени места.
„Да потсетиме, Општина Гостивар успеа да добие 13 нови проекти од Владата на Република Северна Македонија, кои главно се од областа на инфраструктурата. Со оваа кампања, Општина Гостивар ќе изготви проекти и ќе аплицира на вториот повик на Владата на РСМ.“, стои во општинското известие.
Преземено од: GostivarPress













