Руската mRNA вакцина против рак ќе биде бесплатна за руските пациенти, изјави главниот онколог на Министерството за здравство на Русија, академик на Руската академија на науките и генерален директор на Националниот медицински истражувачки центар за радиологија, Андреј Каприн, пренесува РИА Новости.
Како што додаде, една вакцина државата ќе ја чини неколку стотици илјади рубли.
„Создавањето индивидуална онколошка вакцина на платформата mRNA ќе ја чини државата 300.000 рубли (2.700 евра), но за пациентите ќе биде бесплатна. Вакцината веќе покажа висока ефикасност за време на претклиничките студии“, откри Каприн.
Според него, сите лекови за онкологија, вклучително и лековите за имунотерапија, биле многу скапи кога првпат се појавиле на пазарот. Дополнително, Министерството за здравство вети дека новиот лек нема да припаѓа само на „малкумина избрани“.
На почетокот на декември, рускиот научник и академик Александар Гинзбург, лауреат на Државната награда на Руската Федерација во областа на науката и технологијата и директор на Институтот „Гамалеја“, вети „исчезнување на туморите и метастазите по употребата на новата вакцина“.
Како што објасни директорот на Истражувачкиот центар, вакцината против ракот ќе биде персонализирана, односно ќе се прави за секој пациент поединечно, во нејзиниот развој ќе помогне вештачката интелигенција која ќе ги анализира параметрите на туморот за да направат „персонализиран план“ на идниот лек, а врз основа на него специјалистите ќе ја направат вакцината во рок од една недела.
Тој не отфрли дека лекот може да лекува дури и пациенти со четврт стадиум на рак.
Универзална вакцина против сите видови тумори, создадена врз основа на технологијата mRNA, која не се дава превентивно и не го спречува ракот, туку го лекува со активирање на човечкиот имунолошки систем при откривање на рак, успешно беше тестирана во јуни на глувци во Русија, а како што претходно најави рускиот министер за здравство Михаило Мурашко, првите резултати се очекуваат на крајот на годината, по што ќе може да настапи клиничка фаза на испитувањето.
Тој рече дека официјалните документи кои даваат дозвола за употреба на вакцината против рак се очекуваат во јануари.
Преземено од: GostivarPress













