Со доделување на благодарници и симболичниот клуч на градот, вечерва на манифестација во Центарот за култура под мотото „Гостивар в срце“ беше одбележан Денот на општината, 23 декември. Културно-уметничкиот дел од програмата беше исполнет со музички изведби, а пред присутните беше прикажано и видео од сработени инфраструктурни проекти и зафати во годината што изминува.
Во своето обраќање како домаќин на одбележувањето, градоначалникот Ваљбон Лимани нагласи:
„За да се заврши работата, потребни се причини, економски и социолошки, но за да се води град, потребен е поголем мотив, бидејќи тоа не е само работа, тоа е мисија. Вие сте мојот мотив, мојот поттик што ме натера да го преземам управувањето со градот. Мојот чесен татко, чии очи ги гледам во секој добар гостиварец, ме научи дека животот никогаш не е толку безвреден за да го извалкам со несоодветна работа. И затоа љубовта кон луѓето и чесноста се двете главни доблести што треба да ги има секој градоначалник!“.
Во продолжение Лимани стави акцент на мултиетничкиот карактер на Гостивар и изрази уверување дека во соработка со централната власт во општината ќе се реализираат многу проекти.
„Знаеме дека Гостивар е градот на меѓуетничката хармонија. Со гордост можам да кажам дека нема друг град во Македонија каде што има толкава толеранција и успешен соживот меѓу луѓето. Ни требаат еднакви услови за сите. Ни треба сеопфатен професионален начин на размислување. Ни требаат чисти патишта за сите, топли училишта за сите, паркови и игралишта за сите. Пред неколку месеци се случи рушење на политички режим, кој создаде, некогаш намерно, а понекогаш наивно, големи блокади и ќорсокаци во функционирањето на државата. Со гордост можам да кажам дека денес сме слободни и конечно ќе го добиеме она што ни следува од централната власт и ќе имаме одлични инвестиции, од кои дел веќе почнаа.“, рече градоначалникот.
На настанот се обрати и министерот за здравство и поранешен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, кој во оваа прилика истакна:
„Гостивар за сите нас гостиварци е кислород без кој не можеме да функционираме. Да бидеш градоначалник е тешка, но благородна функција. Денес се чувствувам многу среќен што зад себе сум оставил човек, за кого ме застануваат на улица и ми велат „Ваљбон е подобар од тебе“. Нема учител кој не се радува кога ученикот е подобар од него“.
На свеченоста беа доделени благодарници на поединци, здруженија и фондации кои се активни со хуманитарна работа, истакнати спортисти и клубови, културно-уметнички друштва и културни творци, како и на организации со кои општината развива добра соработка.
Од областа на музиката благодарници им беа доделени на бендовите Шкендија, АРЕА и пејачот Хакан Мазар, кои имаа и свои настапи на манифестацијата.
За почесен граѓанин беше прогласен Хазби Фејзи, наставник во пензија за придонес во образованието, кој го доби симболичниот „клуч на градот“.
„Би сакал да апелирам до родителите да не водат битки со наставниците за бројки, туку за знаење. Само знаењето нѐ унапредува. Порано не молеа „Дајте им знаење на децата“, а сега молат за бројки. Се надевам дека тоа нема да продолжи и во иднина“, рече Фејзи.
Признанието „работник на годината“ за 2024-та во Општина Гостивар му беше доделено на Имер Мемеди.
Свеченоста ја проследија вработени во општинската администрација, советници, поранешни градоначалници, претставници од верските заедници, училиштата и градинките и други гости.
Преземено од: GostivarPress



















