Музичката ѕвезда Ед Ширан одржа приватен концерт за англиската фудбалска репрезентација во нејзината тренинг-база во САД, каде што фудбалерите се подготвуваат за продолжението на Светското првенство, пишува „Дејли мејл“.
Ширан извел неколку од своите најголеми хитови, меѓу кои „Shape of You“, „Bad Habits“ и „Perfect“, а настапот следувал по победата на Англија против ДР Конго.
Пејачот подоцна објави фотографии со фудбалерите на Инстаграм.
„Отидов да им пеам на момците од репрезентацијата во нивниот тренинг-камп. Тоа го правев и на неколку од последните турнири и го обожавам, навистина се одлични момци“, напиша Ширан.
Тој објави и фотографија со капитенот Хари Кејн со порака: „Веруваме во Хари Кејн“.
Ова не е првпат Ширан да настапува пред англиските репрезентативци. Тој им пееше и за време на Европското првенство во 2024 година.
Англија следниот натпревар на Светското првенство ќе го игра против Мексико во Мексико Сити.
Преземено од: TopSport













