Со оддавање почит пред Споменикот на револуцијата, денес (19 ноември 2026 година) во Тетово беше одбележана годишнината од ослободувањето на градот од фашистичката окупација во Втората светска војна на 19 ноември 1944 година.


Чествувањето започна со интонирање на државната химна, почесна стрелба и едноминутно молчење, во организација на Општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941–1945 и граѓаните продолжувачи, во соработка со тетовската касарна „Кузман Јосифоски-Питу“.


Во рамките на програмата се одржа и историски час, на кој беше прочитана поетската творба „О земјо Македонијо“ од Владо Серафимовски, а беше изложен и реферат посветен на историското значење на овој ден,подготвен од професорот по историја Љубиша Марковиќ од ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“.
„На 19 ноември 1944 година Тетово ја запиша својата најславна страница како последно ослободен град во Македонија.“
Во рефератот беше нагласено дека овој датум е симбол на храброста, решителноста и љубовта кон татковината.Слободата на градот и неговите жители не дошла лесно, туку била платена со животите на бројни борци кои не мислеле на лична корист, туку на иднината на своите потомци и денешните генерации.








На Споменикот на револуцијата свежо цвеќе положија делегации на општинските организации на Сојузот на борци од Тетово и Гостивар, касарната „Кузман Јосифоски-Питу“, СВР Тетово, Музејот на тетовскиот крај,Организацијата на резервни офицери, политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и ученици од тетовските основни училишта.


Одбележувањето на Денот на ослободувањето започна вчера (18 ноември) со свечена академија под слоганот „Победа која се памети – Слобода која се чува“. На настанот беа врачени традиционалните признанија „19 Ноември“ за животно дело, како и за особен придонес и трајни вредности во различни области, збогатен со музичко-сценски настапи.













