Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска повика на „План Б“ за повторно отворање на Ормуската Теснина за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска.
– Сите ние би сакале да видиме договор со Иран со кој протоците би биле отворени – изјави Рубио.
– Но, исто така мора да имаме и План Б, а Планот Б е – што ако Иран одбие да ги отвори протоците? Што ако Иран одлучи „ние одбиваме да ги отвориме протоците, протоците ќе бидат наши и ќе наплаќаме патарина за нив“? Во ред, во тој момент нешто мора да се преземе во врска со тоа – рече тој.
Рубио изјави дека го иницирал ова прашање за време на разговорите во НАТО и дека добил широка поддршка од сојузниците.
– Го иницирав тоа прашање денеска. Добив многу одобрувања со глава, многу луѓе ми пристапија потоа и го потврдија тоа, но денеска немаме никакво соопштение за вас во однос на нешто конкретно што се случува – им изјави тој на новинарите.
Шефот на американската дипломатија забележа дека меѓународна коалиција предводена од Франција и Обединетото Кралство веќе подготвува можна поморска мисија за да помогне во обезбедувањето безбеден транзит низ Ормуз во случај да се постигне договор за прекин на војната.
– Но, мора да имаме План Б во случај некој да пука. Како тогаш повторно да ги отворите протоците? – праша Рубио.
– Не знам дали тоа нужно би била мисија на НАТО, но сигурно би биле земји од НАТО кои можат да придонесат за неа – додаде тој.
Со оглед на глобалниот скок на цените на енергенсите, повторното отворање на Ормуската Теснина стана една од клучните точки на сопнување во закочените преговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Откако САД и Израел ја почнаа војната против Иран пред речиси три месеци, Техеран преку закани и напади врз танкери и товарни бродови го направи во голема мера непрооден овој стратешки витален пат за испорака на нафта и гас. САД одговорија со воведување блокада на бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
МИА
Преземено од: Линк













