Серген Јалчин е новиот селектор на турската фудбалска репрезентација.
Одлуката за назначување на 53-годишен тренер ја донесе Управниот одбор на Турската фудбалска федерација (ТФФ). Со него и неговиот стручен штаб ќе биде потпишан четиригодишен договор.
Јалчин доаѓа на местото на Винченцо Монтела, кој доби отказ пред три недели, поради четирите порази во Лигата на нации.
Неодамна, додека работеше како телевизиски коментатор, Јалчин го критикуваше изборот на играчи и стилот на игра на Монтела по поразот на Турција на Светското првенство од Парагвај.
„Да бев на местото на Монтела, или да беше тука Фатих, ќе го однесевме овој тим до ѕвездите“, рече тогаш Јалчин.
Јалчин го очекува својот прв предизвик во новата улога овој ноември, за време на следната меѓународна пауза. Пред неговото назначување, понудата на Турската фудбалска федерација беше одбиена од Арда Туран, кој остана тренер на Шахтјор.
Монтела ја водеше Турција 40 натпревари, остварувајќи 21 победа, пет нерешени резултати и 14 порази.
Серген Јалчин ја изгради својата тренерска кариера во бројни турски клубови, а најголемиот успех го постигна со Бешикташ; во сезоната 2020/21 го предводеше тимот до освојување на титулата шампион на Турција и националниот куп.
Преземено од: TopSport













