Запирањето на транзитот на руски природен гас преку Украина на почетокот на Новата година означува пресвртница во енергетските односи меѓу Русија и Европа. Овој чекор доаѓа по истекот на договорот за транзит и отсуството на нов договор меѓу Москва и Киев, што дополнително ги нагласува тензиите предизвикани од долгогодишните политички и воени конфликти.
Рускиот државен гасен гигант Гаспром соопшти дека утрово го прекинал снабдувањето со гас во Европа преку главниот гасовод што минува низ Украина, откако Киев одби да го обнови договорот за транзит потпишан пред сеопфатната инвазија на Москва.
„На 1 јануари 2025 година, во 08:00 часот по московско време, истече периодот на важност на документите потпишани на 30 декември 2019 година: договорот меѓу компаниите „Гаспром“ и „Нафтогас Украина“ за организирање транспорт на руски гас преку територијата на Украина и Договорот за соработка меѓу операторите за транспорт на гас на Русија и Украина – компанијата „Гаспром“ и „Оператор на гас транспортниот систем на Украина““, се наведува на Телеграмскиот канал на компанијата.
Украинското Министерство за енергетика потврди дека утрово е прекинат транспортот на руски гас низ земјата.
„Во 7:00 часот, во интерес на националната безбедност, беше прекинат транспортот на руски природен гас преку територијата на Украина“, соопшти украинското Министерство.
Во соопштението се наведува дека Украина за ова ги известила меѓународните партнери согласно утврдената процедура.
Од друга страна, Русија продолжува со извозот на природен гас преку алтернативни рути, како што е гасоводот „Турски тек“. Овој гасовод обезбедува снабдување за Турција и некои централноевропски земји, како Унгарија и Србија, кои сè уште зависат од рускиот гас.
Преземено од: GostivarPress













